Кујна

Рецепт за најпопуларниот колач во моментов: Трилече

Благиот колач „Трилече” со право станува многу популарен, бидејќи кога еднаш ќе се вкуси верувајте дека ќе сакате да го подготвувате колку што е можно почесто. Овој колач името го добил по трите млека кои се користат за подготовка на преливот.

Состојки:

Тесто

-2 чаши брашно

-1 или ¼ чаши шеќер

-6 јајца

-2 ванили

-1 пециво

Млечен прелив:

-1 литар млеко

-500 мл. Слатка павлака

-150- 200 грама кондензирано млеко

Глазура:

-готов карамел

Подготовка:

1.Во два посебни садови се разделуваат белките од жолчките.

2.Жолчките заедно со 1/2 од шеќерот и 1 ванила убаво се матат, исто така и белките се матат со останатата 1/2 од шеќерот и другиот ванилин шеќер.

3.Двете смеси внимателно се соединуваат.

4.Во друг сад настрана се меша брашното со прашокот за печиво и постепено со лажица се додава во смесата со јајцата. Смесата убаво се меша со дрвена лажица и се става во тава за печење.

5.Се пече 10 минути во претходно загреана рерна на 200 степени, а потоа се намалува температурата на 170 степени и се пече уште 20 минути. Откако ќе биде готов пандишпанот се остава малку да се излади, потоа со чепкалка за заби се надупчува.

6.Сите три видови млека убаво се мешаат во длабок сад додека да се изедначи смесата, се мешаат со лажица, не се матат со миксер. Еден мал дел од добиениот прелив се истура во тавата во кој претходно се печеше пандишпанот. Потоа во тавата се става изладениот пандишпан и одозгора се прелива со останатиот прелив.

7.Се остава неколку часа пандишпанот убаво да ја впие течноста и за крај вкусниот колач се премачкува со готов карамел.